Платформа за родова еднаквост: Разочарувачка е пресудата против 13 лица за трговија со дете
Кривичниот суд на 20 ноември осуди 13 велешани на возраст од 22 до 32 години дека сексуално злоупотребиле малолетничка, ја снимале и ги препраќале снимките. Највисоката казна е пет и пол години затвор, а најниската е условна осуда.
„Изречените затворски казни под законски утврдениот минимум за вакви сериозни дела од организиран криминал, ја минимизираат правата тежина на овие дела и со тоа ја амнестираат кривичната одговорност на сторителите. Ваквите ублажени казни, наместо да ги одвратат од сторување на исти или слични дела може да ги охрабрат мажите во иднина повторно да вршат вакви форми на родово базирано и сексуално насилство“, велат од Платформата за родова еднаквост.
Според нив, овој случај ја нагласува итната потреба од системски реформи, вклучително и построги казни за злосторства против девојчиња и жени.
Според соопштението на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција кое беше објавено во јануари 2023 година, првообвинетиот, 25-годишен велешанец, започнал комуникација со девојчето кое се уште немало наполнето 14 години преку апликацијата „Инстаграм“.
Ѝ ветил љубовна врска, но уште на првата средба ја снимал со телефон.
„На првата средба бил направен порнографски материјал што првоосомничениот го користел како закана за да го присили девојчето да доаѓа и на други средби, заканувајќи се дека доколку не дојде, материјалите со интимна содржина ќе ги објави и ќе ги сподели на социјалните мрежи, со што ќе и наштети на нејзината чест и углед“, пишуваше во соопштението.
По ова во периодот од крајот на декември 2021 година и во текот на 2022 со употреба на закана над детето поврзани со снимките кои ги поседувал, им овозможил на другите обвинети и на други непознати луѓе да вршат полови дејствија со што таа станала и жртва на трговија со луѓе, по пат на сексуални активности, сексуална експлоатација и порнографија.