Влада: Информации за бегството на Груевски по завршување на истрагата
Во соопштението стои дека со внимание ја проследиле реакцијата на дел од граѓанските организации кои повикуваа на политичка одговорност одделни институции и носители на високи јавни функции, во врска со бегството на Груевски.
Од Владата велат дека истрагата треба да заврши, па потоа јавноста да биде запознаена со деталите, особено, како што стои, заради тоа што се работи за деликатни истражни дејствија за кои постојат индиции дека инволвираат граѓани на трети земји.
МВР асистира во истрагата околу тоа како Груевски ја напуштил државата, а во МВР се истражува и можната инволвираност на полициски службеници, а Секторот за внатрешни работи - Скопје истражува за начинот на бегство и можните помагатели.
„Владата на Република Македонија ги уверува јавноста и граѓанските организации дека максимално ја поддржува независната и професионална истражна постапка, дека ќе ги прифати сите докажани резултати на истрагата, и дека ќе поддржи преземање одговорност и правосудна постапка со која пред лицето на правдата ќе бидат изнесени сите личности кои учествувале или го помагале бегството на осудениот, поранешен премиер Груевски“, стои во соопштението.
Осудениот поранешен премиер побегна во Унгарија, каде што доби и азил.
