Повторно затворање на Евзони вечерва, без блокади во следните два дена
Граничниот премин Евзони кон Северна Македонија вечерва повторно ќе биде затворен за сообраќај поради протестите на грчките земјоделци, а според информациите преминот ќе биде блокиран од 18 до 22 часот по македонско, односно од 19 до 23 часот по грчко време, за влез и излез од Грција за сите видови возила.
Земјоделците од северниот дел на Грција, кои од 1 декември со трактори се стационирани на Евзони, и денеска ќе го блокираат сообраќајот во траење од четири часа, како продолжение на нивните протестни активности.
Во следните два дена, сепак, не се планирани блокади. Поради утрешниот празник Богојавление (Водици) во Грција, земјоделците најавија дека автопатиштата и граничните премини ќе бидат отворени за непречено движење на граѓаните, што ќе важи и за Евзони во вторник и среда.
На вчерашниот состанок на земјоделците од целата земја била донесена одлука за 48-часовна блокада в четврток и петок, кога се планира затворање на националната патна мрежа, споредните патишта, клучните сообраќајници и граничните премини во Грција.
Земјоделците од Евзони ќе се приклучат на овие активности, но најавија дека в среда ќе одржат состанок на кој ќе одлучат дали граничниот премин ќе биде затворен само за товарни возила или за целиот сообраќај.
Протестите на грчките земјоделци траат повеќе од еден месец и започнаа на 30 ноември. Тие порачуваат дека се подготвени за дијалог со Владата, но само доколку бидат исполнети сите нивни барања. Во врска со состојбата, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис денеска свика вонреден состанок.
