На Камчатка отворен „Вулканариум”
На 12 и 13 август во Камчатскиот крај се одбележува локален празник – Денот на вулканот. Годинава туристите првпат ќе можат да го посетат музејот посветен на „планините кои блујат оган“.
На Камчатка има повеќе од 300 вулкани, од кои 30 се активни. Само од Петропавловск-Камчатски можат кога е ведро да се видат шест вулкани.
Седум нешта кои им го одземаат здивот на туристите во Камчатка
На Денот на вулканот се одржува традиционално масовно искачување на граѓаните и туристите на Авачинскиот вулкан. Но, отсега секој ќе може да го посети и Музејот на вулканите, каде ќе може да се погледне во ждрелото на вулканот и да се види од каде доаѓа лавата.
Музејот го направија ентузијасти со сопствени средства, изјави за ТАСС основачот на музејот и негов идеен креатор научникот-вулканолог Сергеј Самојленко.
„Минатата година во Петропавловск-Камчатски го отворивме Музејот на интересна наука и творештво за локалните деца и нивните родители. Почнавме со работа и со тек на време сфативме дека на градот му е потребна и приказна за вулканите. Така се појави идејата да го направиме музејот „Вулканариум”, изјави Самојленко.