Во Русија првпат вградени две механички „срца”
Првпат во руската медицинска практика се вградени две механички „срца“ на 20-годишна девојка ранета во напад, пишува „Метроњуз“. Операцијата беше изведена од страна на хирурзите на Сибирскиот биомедицински „Мешалкин“ во Новосибирск.
На девојката ѝ е вграден компактен систем со две аксијални пумпи кои ја вршат контрактилната функција на срцето. Едната пумпа ја зема крвта од левата комора на срцето и ја префрла во аортата, а другата ја префрла крвта десната преткомора во белодробната артерија. Ефикасноста на овој систем е еднаква на работата на срцето.
Научниците создадоа живо срце
„Обично во случај на инсуфициенција и на десната и левата срцева комора на пациентите им се вградуваат пумпи со пневматски погон. Тоа се гломазни системи и човекот е принуден да се движи со количка во која се наоѓа компресор кој обезбедува воздух. На Кристина ѝ е вграден систем кој е стопати помал од таквите системи“, вели кардиологот Дмитриј Доронин.
Од биомедицинскиот центар објаснуваат дека во нападот девојката се здобила со неколку рани од нож: повредени ѝ биле внатрешните органи и срцето. Тоа довело до масивен инфаркт на миокардот во кој умреле 80% од мускулното срцево ткиво кое ги врши контракциите. Кај пациентката дошло до целосна срцева инсуфициенција која предизвикала сериозна дистрофија на внатрешните органи: црниот дроб, бубрезите и белите дробови.
„Поради промените во внатрешните органи на девојката не можеше да ѝ се изврши трансплантација на срце. Единствениот применлив метод на лекување беше механичкото одржување на циркулацијата на крвта“, се цитираат во соопштението зборовите на раководителот на центарот за операција на аорта, коронарни и периферни артерии Александар Черњавски.
Операцијата траеше речиси шест часа. Според експертите, девојката го преживеала најтешкиот период. Контролното испитување покажа дека организмот постигнал физиолошка рамнотежа и дека е компензирана штетата која во организмот ја предизвикала срцевата инсуфициенција. Девојката заздравува. Јаде добро и многу се движи. Планирано е наесен да ѝ се изврши трансплантација на срце.