Протеран турскиот генерален конзул во Ерусалим
Израел го протера турскиот генерален конзул во Ерусалим, соопшти денеска портпаролот на израелското Министерство за надворешни работи, Емануел Нахшон.
Тој инфромира дека турскиот конзул бил повикан во Министерството и било побарано од него „да се врати во Турција на одреден период заради консултации“.
Одлуката на Израел уследи откако претходно денеска Турција соопшти дека побарала од израелскиот амбасадор во Анкара, Ејтан Наех да „се врати во Израел на одредено време“, Наех бил повикан во Министерството за надворешни работи на Турција, каде му било доставено барањето и му бил врачен протест поради мерките што ги презедоа израелските безбедносни сили за време на протестите во Појасот Газа, при што беа убиени околу 60 Палестинци.