Во тек е лидерска средба за името
Во Клубот на пратениците во Скопје во тек е средбата на државно-политичкиот врв за последните случувања во однос на спорот за разликите за името меѓу Македонија и Грција. На состанокот пристигнаа претседателот Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието Талат Џафери, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ Христијан Мицкоски и Али Ахмети, како и министрите за надворешни работи и за одбрана Никола Димитров и Радмила Шекеринска и вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи.
Според претходните најави, премиерот Заев на средбата информира за деталите од средбата со грчкиот колега Алексис Ципрас и за можноста да се даде шанса за евентуално решение што би било прифатливо за двете страни. Тој најави дека веднаш по состанокот ќе даде изјава и деталите ќе ги сподели со јавноста.
Изминатите два дена во одредени медиуми се појави информацијата дека најновиот македонски предлог за името во преговорите со Грција бил „Република Илинденска Македонија“.
Од кабинетот на Ципрас, соопштија дека ако нема ерга омнес и уставна ревизија, дискусијата за било какво име е празна содржина. И во Грција денеска се одржуваа консултации со тамошните политички фактори.