САД и ОБСЕ со осуда за Русија за казната за РСЕ
Американскиот Стејт департмент и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) ја осудија пресудата на рускиот суд, според која Радио Слободна Европа го прекршило Законот со кој се регулираат медиумските куќи означени од Владата како „странски агенти.“ Изјавата на канцеларијата на ОБСЕ со седиште во Виена, доаѓа откако окружниот суд во Москва на 5 јули издаде пресуда и го казни Радиото со 1.600 долари казна. Според Судот РСЕ не ги почитува законите за регулација на медиумите, кои од владата беа означени како „странски агенти“.
„Одлуката на судот јасно покажува дека законот за „странските агенти“ непотребно ја попречува работата на медиумите и го стеснува просторот за слобода на медиумите во Руската Федерација“, изјави претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Харлем Дезир.
Од американскиот Стејт департмент соопштија дека овој закон на руските власти може да им биде нова алатка против независните новинари и блогери со кој ќе им се одмаздува за нивната работа.
Портпаролката на Стејт департментотХедер Науерт ја повика руската влада да ја почитува слободата на изразувањето.