Зелена лупа: Потребни се законски измени за одговорноста на судиите
Итни реформи во судството и одговорност за судиите кои се огрешиле пред законот, пред институциите и пред граѓаните, рече претседателот на здружението „Зелена лупа“, Ване Цветанов, на денешната дебата на тема „Да ја вратиме довербата во судовите-правда за секого“.
„Предлагаме да се укине амандманот 27 од Уставот на РМ кој, според нас е противуставен, затоа што од една страна Уставот вели дека сите граѓани се исти во оваа држава пред законите, а од друга страна ги прави судиите над другите“, рече Цветанов, нагласувајќи дека системот за утврдување одговорност на судиите е најважен фактор за владеењето на правото.
Од „Зелена лупа“ најавија дека ќе поднесат иницијатива за законски измени во делот на одговорноста на судиите, како и за менување на краткиот рок од три години за утврдување нивна одговорност.