Истрага за тортура во руски затвор
Руските власти ја истражуваат видео снимката на која се гледа измачување на затвореник од страна на затворските чувари во регионот Јарослав. Рускиот истражен комитет денеска соопшти дека отвориле истрага за „криминал“ извршен од вработени во затворот во Јарослав. Истрага отвориле и затворските власти.
Десетминутната видео снимка беше објавена денеска од страна на независниот весник Новаја газета. Тие велат дека ја добиле од невладината организација за човекови права „Јавна пресуда“. Според весникот, настанот се случил во јуни минатата година, а измачуваниот затвореник е идентификуван како Евгениј Макаров. На снимката се гледа како Макаров лежи на маса без панталони, додека двајца му ги држат рацете, а десетина други го тепаат со пендреци по табаните, додека тој ги моли да престанат. Униформираните мажи од време на време истураат кофи со вода врз главата на тепаниот.
Често има извештаи за систематска тортура во руските затвори.