Лидерска средба во понеделник во 9 часот
Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев упатил покана до претседателите на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Беса, Христијан Мицкоски, Али Ахмети и Биљал Касами за лидерска средба в понеделник во 9 часот во Клубот на пратениците, потврдија за Радио Слободна Европа извори од Владата.
Последната нивна средба се одржа во четвртокот и тогаш најавија нова која би се одржала во недела или понеделник. По средбата Заев и Мицкоски рекоа дека за дел прашања постигнале приближување во ставовите, а за дел не, но не прецизираа за кои конкретно.
На средбата в понеделник главни теми се очекува да бидат формирањето на Државната изборна комисија во пресрет на референдумот за името, референдумското прашање, а ВМРО-ДПМНЕ инсистира да се договори и финансирањето на партиите и формирање техничка влада по пржинскиот модел пред секои избори. Од СДСМ, пак, тврдат дека ВМРО-ДПМНЕ ги интересира само амнестија, но опозициската партија негира.