СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ да не шири лаги
СДСМ како одговорна партија отсекогаш се залага и ќе се залага за рамноправност, еднаквост и доследно почитување на правилата. Никој не смее да биде фаворизиран, не смее да има судир на интереси, ниту пак расфрлање со народните пари, реагираат од СДСМ на прес конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ. Од таму наведуваат дека неточни се шпекулациите на ВМРО-ДПМНЕ за вицепремиерот Кочо Ангушев.
“Вицепремиерот во целост го испочитува Законот за судир на интереси со стапување на функцијата и се откажа од управувачките функции во компаниите каде што има сопственост, во меѓувреме ја продаде компанијата ЕДС за да се избегне токму судирот на интереси, а целосно транспарентно го објави и анкетниот лист” , наведуваат од владејачката партија.
Од таму додаваат дека ВМРО-ДПМНЕ ширеле како што пишуваат, лаги и за тендерот на Министерството за здравство.
“За конкретниот тендер се уште нема одлука и смешно е да се бара негово поништување, бидејќи тој се уште не е доделен. ВМРО-ДПМНЕ да не крева паника несоновано, правилата важат подеднакво за сите, а доколку се утврди каква било неправилност или судир на интереси ќе следува ревизија на одлуките”, наведуваат од СДСМ.
Претходно опозициската партија побара оставки од Анѓушев и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој поради тоа што фирма во која вицепремиерот имал удел добил 160 000 евра поддршка од фондот.