ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Филипче
Во реакцијата на прес конференцијата на министерот за здравство Венко Филипче, ВМРО-ДПМНЕ наведува дека “срамно и тажно е да се гледа како СДСМ и министерот Венко Филипче се обидуваат да го оправдаат криминалот и милионскиот скандал во здравството”.
“Никој не му верува на Филипче дека не знаел која е единствената фирма што учествувала на тендерот, ниту пак убеди некого дека не знаел дека таа се формирала четири месеци пред тој да и доделува 35 милиони евра. Министерот Венко Филипче мора веднаш да се повлече од функцијата и да дозволи независна истрага околу скандалот со кој што 35 милиони евра, пари на граѓаните треба да завршат во фирма формирана пред четири месеци која ја раководат млади лица, тотално анонимни во проблематиката” наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, Филипче на прес конференција ги нарече невистини, шпекулации и обвинувања пишувањата во дел медиуми во врска со тендерската постапка за набавка на реагенси за јавните здравствени установи во Македонија.
“Министерство за здравство не склучило договор и фирмата која се споменува во јавност не го добила тендерот. Доколку има неправилности во постапката, спремни сме да ја поништиме. До крајниот рок за поднесување на понуди за овој тендер пристигната е само една понуда. Во моментов постапката е во фаза на евалуација и се уште не е ниту стигнато до електронска аукција” рече Филипче.