65 мртви поради горештините во Јапонија, прогласена природна катастрофа
Како последица на големите жештини со рекордно високи температури во Јапонија починаа 65 луѓе, поради што властите прогласија состојба на природна катастрофа, објави АП.
Според последните официјални информации на јапонските служби, над 22.000 луѓе, повеќето повозрасни, се примаат и задржуваат во болниците со симптоми на топлотен удар.
Вчера во Токио била измерена температура од над 40 степени, што прв пат се случува во метрополата, а во градот Кумагаја биле измерени 41,1 степени, рекордно висока температура што некогаш била забележана во Јапонија.
Националната метеоролошка агенција прогнозира дека нема да има заладување, туку високите температури над 35 целзиусови степени можат да продолжат и до средината на август, што за Јапонија е невообичаено.