До крајот на годината уште една средба Путин-Трамп
Кремљ денеска потврди дека Вашингтон предложил до крајот на 2018 година да се организира нова средба меѓу претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин.
Можно е средбата да се одржи во рамките на Самитот на Г-20 во Аргентина или при некој друг меѓународен собир, изјави портпаролот на Путин, Јури Ушаков.
Според него, не се планира Путин да отпатува во Њујорк во септември, кога се одржува Генералното собрание на Обединетите нации. Првично, по самитот во Хелсинки, Белата куќа информира дека идната средба Трамп-Путин може да се одржи во Вашингтон. Ушаков изјави дека и Русија и САД се согласни дека средбите меѓу Трамп и Путин се корисни и треба да продолжат. Во меѓувреме во август треба да се одржи средба на советникот за национална безбедност на Трамп, Џон Болтон со членови на рускиот Совет за безбедност.