Зекири најави кривични за Милошоски и член на кабинетот на Иванов за оддавање државна тајна
Тој истакна дека Милошоски не поседува безбедносен сертификат од 2015 година наваму за да може да поседува или бара класифицирани информации. Поради тоа, рече, немал ниту право да бара класифицирани информации од кабинетот на претседателот Иванов.
„Милошоски со тоа што изнесе детали од Извештајот од лидерските средби кои ги добил од Кабинетот на претседателот, а се класифицирани како државна тајна, директно го прекршува член 317 од Кривичниот законик. На пратеникот Милошоски и на тој што го доставил извештајот ќе им бидат поднесени кривични пријави за оддавање државна тајна“, рече на прес-конференција Зекири.
Напомена дека за ова дело е предвидена казна затвор од една до пет или од една до десет години.
Денеска седница требаше да одржи Комисијата за надворешни работи, но беше одложена поради барањето извештаите од Кабинетот на претседателот да бидат доставени до членовите кои имаат безбедносни сертификати за пристап до вакви информации.
