Орбан: Одлуките на ЕК се како нозете на сецирана жаба
![Орбан: Одлуките на ЕК се како нозете на сецирана жаба](https://gdb.rferl.org/04E1070E-0A27-4F66-B6C9-30BEA07248BC_cx0_cy10_cw0_w800_h450.jpg)
По одлуката на Европската Комисија да отвори прекршочна процедура против Унгарија за законот со кој можат кривично да се гонат невладини кои им помагаат на бегалците, реагираше унгарскиот премиер, Виктор Орбан, споредувајќи ги одлуките и предлозите на ЕК со „нозете на жабите во биолошките експерименти во училиште“, објави Ројтерс.
Орбан, во интервју за едно унгарско радио, изјави дека одлуките на ЕК „веќе немаат никакво значење, бидејќи нејзиниот мандат ѝ завршува“, и додаде дека се надева оти следниот нејзин состав ќе има поинаков концепт.
„По европските избори ни треба Европска Комисија која нема да ги казнува земјите што сакаат да си ги заштитат границите, изјави Орбан.
Европската Комисија одлучи дека овој закон, како и претходниот поврзан со правото на азил во Унгарија, ги прекршуваат европските правила. За едниот случај Унгарија ќе одговара пред Европскиот Суд на правдата, додека за криминализацијата на помошта за мигрантите, Будимпешта има неколку месеци да направи промени, пред да се најде на Суд.