Јанушев - Граѓаните ќе му кажат НЕ на Заев
![Јанушев - Граѓаните ќе му кажат НЕ на Заев](https://gdb.rferl.org/9F8E808F-4579-44DE-B68D-EFF6F1667A25_w800_h450.jpg)
Власта распиша референдум без да го почитува мислењето на 455.000 граѓани, кои се претставени од ВМРО-ДПМНЕ и до коалицијата „За подобра Македонија“, реагира генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев преку писмено соопштение.
Во соопштението тој наведува дека премиерот Зоран Заев насила го турка прашањето за референдумот, само, како што пишува, за да ја покрие капитулацијата во преговорите со Грција и прифаќањето на капитулантски договор.
„Граѓаните ќе му кажат НЕ на Заев, зошто се против некој да си дели 10,5 милиони евра, народни пари, на фирми на своите советници и соработници. Граѓаните ќе му кажат НЕ на Заев, зошто се против обидот без срам да се украдат 35 милиони евра од здравството, пари на народот и да се доделат на фирми формирани пред само неколку месеци“, стои во соопштението.
Понатаму Јанушев во соопштението му се обраќа на Заев и наведува дека доколку референдумот не успее, граѓаните очекуваат да си замине од политиката, а не како што пишува, да смислува автентични толкувања и одговорноста за реализација на капитулантскиот договор да ја префрла на институциите.
„Заев што побргу си заминете, толку подобро и за државата и за граѓаните“, стои во соопштението од Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.