Хан - 2025 година е реалистичен датум за ЕУ ако се исполнат критериумите
Европскиот комесар за проширување Јоханес Хан, во интервју за Ди Велт, вели дека 2025 година е реалистичен датум за прием на нови членки од Балканот, но само доколку се исполнат критериумите.
„Датумот 2025 е индикативен, но ако се интензивира имплементацијата на реформите тој е доста реалистичен. Но, сите критериуми за членство мора да бидат исполнети претходно, нема скратен пат. Мотото е „квалитет пред брзина“, вели Хан.
Тој во интервјуто уште еднаш го поздрави гласањето за уставните измени во македонското Собрание.
Хан е уверен дека Преспанскиот договор ќе биде изгласан во Грција и вели дека овој договор ќе испрати важен сигнал на помирување за целиот регион.
„Би можел да има динамичен ефект врз решавањето на спорот помеѓу Србија и Косово и да доведе до пробив во пристапниот процес на Западниот Балкан. За земјите членки на ЕУ, пристапот во ЕУ има смисла само ако сите шест земји можат да се приклучат и решението во ПЈРМ го прави ова сценарио многу поверојатно“, изјави Хан, додавајќи дека со напредокот на Македонија се создава атмосфера на „позитивен натпревар“.