Во Албанија за осум месеци азил побарале 3.000 Сиријци
Сириските државјани стануваат сè побројни подносители за азил во Албанија, јави дописникот на МИА. Според претставникот на УНХЦР, Пабло Запата, во периодот јануари-август годинава за азил аплицирале 3.000 Сиријци, за разлика од лани кога во текот на целата година имало 307 апликации.
„Илјадници бегалци од Сирија ја преплавија Албанија. Извори од мисијата на ЕУ во Тирана го нарекоа овој феномен злоупотреба на системот за азил, додека од Министерството за внатрешни работи велат дека има повеќе од 500 вистински баратели на азил чии апликации се разгледуваат“, наведува тиранската телевизија Топ ченел.
Истиот извор додава дека албанските власти се плашат оти заострените европски политики за приливот на бегалци ќе донесат бескрајна неизвесност за оние што се во моментов во Албанија.