Медицинска сестра нападната од семејство на починат на КАРИЛ
Медицинска сестра рано изутрината физички и вербално била нападната од семејство на пациент кој починал на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ). Инцидентот се случил пред влезот на одделот за интензивно лекување, а денеска најостро го осудија министерот за здравство Венко Филипче, раководителот на Клиниката, Маја Мојсова, како и целиот персонал во таа јавна здравствена установа. Вработената не била тешко повредена. Мојсова побара поголема заштита за вработените.
Филипче рече дека го осудуваат секој вид насилство врз здравствените работници. Тој посочи дека ја разбира болката на семејството, меѓутоа ова не е начин на кој каков било проблем може да се реши. Филипче најави дека ќе разговара со министерот за внатрешни работи да се најде начин за зголемување на безбеноста на здравствените работници.