Предлогот за одземање на мандатот на Груевски утре на пленарна седница
Предлогот за одземање на мандатот на пратеникот Никола Груевски утре е ставен на дневниот ред на пленарната собраниска седница како последната 20-та точка. Седницата според објавата на интернет страницата на Собранието, е закажана да почне во 11 часот. Вчера собраниската Комисија за мандатно-имунитетни прашања предложи одземање на мандатот на пратеникот Никола Груевски. Одлуката беше изгласана со пет гласа „за“ од деветчлената собраниска Комисија.
Неизвесно е дали две третини од пратениците ќе го поддржат предлогот за одземање на пратеничкиот мандат на Груевски. Претставници на новоформираната пратеничка група која произлезе од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата веќе соопштија нивната група смета дека расправата за одземање на мандатот на поранешниот премиер е избрзана.
Синоќа пред Кривичниот суд во Скопје се одржа и протест за поддршка и правда за поранешниот премиер Груевски. Тој е осуден на две години затвор во случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство.