Судските служби не го нашле Груевски дома
Како што неофицијално се дознава судските служби не му го доставиле решението на поранешниот премиер Никола Груевски, откако попладнето Кривичниот совет ја потврди одлуката за неодложување на двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“ на СЈО.
Дел од медиумите шпекулираат дека судскиот доставувач направил два обиди да го најде Груевски на адресата која е наведена во неговата лична карта, но тој не бил дома.
Веднаш штом ќе го добие решението , Никола Груевски ќе мора да се пријави на издржување на двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“ на СЈО.
Пред истражниот затвор во Шутка голем број новинарски екипи неколку часа го чекаат поранешниот премиер Никола Груевски да се јави на издржување на затворска казна.
Претходно кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје доцна попладнето ги одби жалбите на Никола Груевски и на неговите адвокати и го потврди решението на судијата за извршување санкции со кое поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ треба да се јави во затворот „Шутка“ за издржување на двегодишната затворска казна за предметот „Тенк“.
Како што соопшти Судот, Решението е испратено до странките во постапката и е извршно веднаш по приемот од странките.
Груевски вчера требаше да се јави на издржување на затворската казна. Но тој и неговите адвокати поднесоа жалби против решението на судијата за извршување санкции кој постапува по предметот.
Инаку во понеделник, поранешниот премиер Груевски треба да се јави на рочиште за случајот „Титаник“.