Саудиското обвинителство бара пет смртни казни за убиството на Кашоги
![Саудиското обвинителство бара пет смртни казни за убиството на Кашоги](https://gdb.rferl.org/E9DA49B3-446D-4DDF-AC21-69819130C78C_w800_h450.jpg)
Саудискиот обвинител Сауд ал-Моџеб денеска побара смртна казна за петмина обвинети за убиството на новинарот Џамал Кашоги и ја исклучи можноста престолонаследникот Мохамед бил Салман да бил вклучен во злосторството. Според него, Мохамед бил Салман „нема никакви сознанија за овој случај“.
Обвинителот денеска во Ријад изјави дека петмина луѓе го наредиле и извршиле убиството на Кашоги, откако „пропаднале разговорите со него“ во саудискиот конзулат во Истанбул. Тој рече дека новинарот бил убиен со смртоносна инјекција, по што неговото тело било распарчено и изнесено од конзулатот. Плановите за неговото убиство биле направени три дена претходно. Зад убиството стои поранешниот шеф на саудиското разузнавање Ахмад ал-Асири, кој беше сменет поради тоа што наредил присилно враќање на Кашоги во земјата.
Полицијата уапси 21 луѓе во врска со случајот, а против 11 е поднесено обвинение.
Турција, пак, оцени дека објаснувањето од саудискиот обвинител е „недоволно“. Шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу рече дека убиството било однапред планирано и ги отфрли тврдењата дека убијците првично сакале да го вратат Кашоги во Саудиска Арабија.
Турција претходно ги обвини саудиските власти дека испратиле тим убијци во Истанбул.
Новинарот, кој пишуваше за Вашингтон пост, беше убиен во саудискиот конзулат, каде што отишол да подигне документи.
Саудиска Арабија неколку пати ја менуваше приказната за Кашоги и на крај призна дека тој починал во конзулатот.