Последните живи лидери на Црвените Кмери осудени за геноцид
Двајца некогашни лидери на Црвените Кмери, комунисти кои владееја со Камбоџа во 70-тите години од минатиот век, денеска беа осудени на доживотен затвор за геноцид, злосторства против човештвото и за воени злосторства. Меѓународниот суд ги осуди 92-годишниот Нуон Чеа и 87-годишниот Киу Сампан за убиството на околу 1,7 милиони луѓе за време на бруталното владеење на Црвените Кмери од 1975 до 1979 година. Во пресудата се наведува дека Црвените Кмери извршиле геноцид врз виетнамското малцинство и врз муслиманскиот народ Чам.
Двајцата, кои се последните живи лидери на Црвените Кмери, веќе издржуваат доживотна затворска казна на која беа осудени во претходниот процес за злосторства против човештвото, односно за присилно преселување на населението и за исчезнувањето на голем број луѓе.
Тие велат дека се жртви на политички прогон.
Во Камбоџа не постои смртна казна.
Црвените Кмери тежнееја за изградба на земјоделско утописко општество, поради што го протеруваа населението од градовите и создаваа огромни рурални комуни. Нивните радикални политики доведоа до глад, прекумерна работа и масовни погубувања.