ЕУ – Оние кои навистина стојат зад убиството на Кашоги да сносат одговорност
Европската унија денеска соопшти дека оние кои навистина стојат зад убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги „мора да сносат одговорност“.
„Оние кои се одговорни, навистина одговорни за тоа страшно убиство мора да сносат одговорност“, рече шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини за време на посетата на Анкара.
Кашоги, критичар на саудиските власти, кој пишуваше за Вашингтон пост, беше убиен на 2 октомври во саудискиот конзулат во Истанбул, каде што бил по документи потребни за венчавање со турска државјанка. Турција ги обвини највисоките саудиски претставници за убиството, тврдејќи дека Саудиска Арабија испратила тим убијци да го ликвидира Кашоги. Саудиските власти, пак, обвинија одметнати агенти на нивната тајна служба и негираат дека престолонаследникот, Принцот Мухамед бин Салман знаел за операцијата.
Во меѓувреме, турскиот портал Хуриет дејли њуз денеска објави дека ЦИА има снимка од телефонски разговор во кој принцот Мухамед дава инструкции „Кашоги да се замолчи што поскоро“. Еден турски претставник за Ројтерс изјавил дека нема информации за таква снимка.