Обвинетите за смртта на малата Тамара се изјаснија за невини, ново рочиште на 5 декември
Дванаесеттемина обвинети во предметот за смртта на малата Тамара Димовска од Велес на денешното рочиште во Кривичниот суд, откако беше прочитано обвинението, се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
Тие се обвинети за несовесно работење во службата, затоа што не одобриле лекување на детето во странство.
За овој предмет, според соопштението од ОЈО Скопје, обвинети се членовите на Првостепената и на Второстепената комисија, кои го донеле односно го потврдиле негативното решение за лекување на Тамара во странство, како и двата тогашни директори на Фондот за здравствено осигурување и претседателот на Управниот одбор на ФЗОМ.
Малата Тамара Димовска во 2015 година почина чекајќи операција на ‘рбетот во странство.
Првостепената лекарска комисија за одлучување по правото на лекување во странство, се наведува во обвинителниот акт, го донела првичното негативно мислење за лекувањето на Тамара Димовска. Комисијата, спротивно на Стручниот конзилиум на Универзитетската клиника ТОАРИЛУЦ, а по истекот на законски предвидениот рок донела мислење дека не се исцрпени можностите за лекување на пациентот во Македонија. Ново рочиште за овој случај е закажано за 5 декември.