Рама - Србија да сфати дека иднината не се гради со ножеви во грб
Премиерот на Албанија Еди Рама, по денешната заедничка седница на владите на Албанија и на Косово во Пеќ, изјави дека таксата што Косово ја воведе за стоките од Србија е оправдана и го повика Белград „да застане со нозете на земја и да престане да му зарива на Косово ножеви од зад грб“, јави дописникот на МИА од Приштина. Рама нагласи дека продлабочувањето на соработката меѓу Косово и Албанија не треба никому да смета, а за воведувањето на такса од 100 проценти од страна на Косово за стоки од Србија повтори дека е сосема оправдан одговор на Приштина на однесувањето на Белград.
Албанскиот премиер апелира и до Брисел да го одржи ветувањето дадено на Косово за укинување на визите.
„Постојано велеа „потпишете ја демаркацијата со Црна Гора и ќе ги укинеме визите“. Приштина го направи тоа, а Брисел сè уште не го исполнува ветеното. Нека не ни кажуваат приказни европските пријатели, додека во исто време ѝ се умилкуваат на Србија“, рече Рама на заедничката прес-конференција со неговиот косовски колега Рамуш Харадинај.