Случај 27 април - МВР немало план за справување ако толпата влезе во Собранието
![Случај 27 април - МВР немало план за справување ако толпата влезе во Собранието](https://gdb.rferl.org/64835E78-F8CC-4D79-9597-19E894708919_w800_h450.jpg)
За протестите пред Собранието во рамки на МВР биле разгледувани две сценарија, едно доколку полицијата се соочи со две спротивставени групи и друго ако има една хомогена група, но не и план за справување доколку толпата народ влезе во Собранието, изјави денеска обвинетиот Митко Пешов, кој на 27 април 2017 година бил началник на одделот за специјални операции.
Пешов кажа дека за 27 април биле побарани два вода, што во бројка е околу 50 луѓе, во зависност од пополнетоста на водовите и оти согласно барањето тие биле упатени пред Собранието.
За тензиите пред Собранието, кажа дека првпат бил информиран по телефон од Спиро Бошковски околу 19 часот, кога веќе бил стигнат дома во Кавадарци.
„Околу 19:10 ми се јави и заменик министерот Нухиу и ме праша дали сум во тек со ситуацијата пред Собранието. Го информирав дека имаме 50-тина луѓе распоредено и дека веќе имаме дадено насоки“, рече Пешов.
На прашање од Александар Василевски Нинџа, дали полициската акција во Собранието била задоцнета, обвинетиот Пешов рече дека со оглед на информациите со кои располагал во тој момент постапувал согласно своите знаења и можности.
„Можеби од оваа временска дистанца сум можел повеќе и подобро да направам, но повторувам дека во тоа време постапував и носев одлуки согласно информациите со кои располагав тогаш“, рече Пешов.
За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.