Анализа на британската влада: На земјата ќе ѝ биде економски полошо по излегувањето од ЕУ
![Анализа на британската влада: На земјата ќе ѝ биде економски полошо по излегувањето од ЕУ](https://gdb.rferl.org/9A362174-4A1A-4B04-82A4-D4BC5AA727A4_cx0_cy6_cw0_w800_h450.jpg)
На Велика Британија ќе ѝ биде економски полошо по излегувањето од Европската унија, отколку да би останала во неа, без оглед на тоа каков трговски договор ќе направи со Унијата, се наведува во анализата на британската влада. Според денеска објавената проценка, 15 години по излегувањето од ЕУ, британскиот БДП ќе биде за 0,6 отсто помал отколку да остане во Унијата, и тоа под услов трговијата да не биде попречувана. Ако земјата излезе од ЕУ без договор и има значителни пречки во трговијата, британскиот БДП ќе биде за 9,3 отсто помал, пренесува Асошиејтед прес.
Во извештајот се анализирани повеќе опции, од излегување без договор до останување на единствениот пазар за стоки и услуги на ЕУ.
Анализата е објавена во време кога премиерката Тереза Меј се обидува да ги убеди пратениците во британскиот парламент да го поддржат договорот за излегување, кој владата го постигна со ЕУ.