ЕУ бара на Украина да ѝ се овозможи пристап до Керчскиот теснец
![ЕУ бара на Украина да ѝ се овозможи пристап до Керчскиот теснец](https://gdb.rferl.org/7FF920D8-9255-4927-AAAC-033B764EEA29_w800_h450.jpg)
Европската унија инсистира Русија да овозможи слободен премин низ спорниот Керчски теснец меѓу Русија и анектираниот Кримски полуостров, за на источна Украина да ѝ се овозможи морски премин до Црното Море и понатаму. Потпретседателот на ЕУ, Валдис Домбровскис, денеска изјави дека меѓународното право „ја обврзува Русија да осигура непречен и слободен премин на сите пловила низ Керчскиот теснец“ и дека, според тоа, ЕУ очекува од Русија да овозможи слободна пловидба.
Во меѓувреме, Русија почна со судењето на уапсените украински морнари, кои беа дел од посадите на трите запленети украински брода во инцидентот кај Крим, кој, според Киев и западните сојузници, е украинска територија.
Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за инцидентот. Домбровскис ја нарече руската акција неприфатлива и додаде дека ЕУ очекува од Москва веднаш да ги ослободи бродовите и нивните посади и да им овозможи лекарска помош на украинските морнари. Руската крајбрежна стража во неделата заплени три украински воени бродови и ги зароби нивните посади во близина на Крим.