Француските јавни личности против зголемувањето на школарините на факултетите
Француските јавни личности, меѓу кои и актерката Жилиет Бинош и економистот Тома Пикети, потпишаа платформа против зголемувањето на школарините за факултет за студентите надвор од ЕУ, тврдејќи дека така би се создал „ѕид од пари“ кој е закана за сиромашните студенти.
„Тоа е ѕид од пари кој владата сака да го подигне против странските студенти“, наведуваат потписниците на платформата, која денеска е објавена во францускиот весник Журнал ди диманш.
Владата во ноември најави големо покачување на школарините за странските студенти од 170 на 2770 евра за додипломски студии и од 243 на 3770 евра за магистерски студии од почетокот на 2019. Според властите, тоа сепак е „третина од реалната цена“ за студирање.
Потписниците на платформата, пак, сметаат дека тоа зголемување им се заканува на сиромашните студенти, зашто тие никако не може да платата толкава сума.
„Тоа е едноставно мерка која става точка на нивните сништа да студираат во Франција“, се наведува во платформата, во која се наведува дека владината стратегија едноставно значи „Сиромашните студенти, надвор“.
Тие бараат повлекување на мерката и отворање национална дебата за финансирањето на универзитетите, повикувајќи да не се прифаќа „англо-саксонскиот модел на платени унивезритети“.
„Ако Франција е четврта земја по бројот на странски студенти, тоа е токму поради тоа што е светски шампион на другиот модел, на кој може да бидеме горди: модел во кој земјата не смета дека знаењето е услуга како и секоја друга“, оценуваат потписниците.
Франција падна на четврто место по бројот на странски студенти, откако Австралија во изминатите години се искачи на третото место. Сите три држави пред Франција се од англиско говорно подрачје.
Меѓу потписниците на писмото се и актерката Изабела Аџани, поранешниот фудбалер Лилијан Турам и други.