Италијански вицепремиери го поддржаа движењето „Жолти елеци“ во Франција
Двајца потпретседатели на италијанската популистичка влада, Луиџи ди Маџо и Матео Салвини, денеска го поддржаа граѓанското свижење „Жолти елеци“ во Франција, кое од 17 ноември протестира против политиките на францускиот претседател Емануел Макрон.
„Жолти елеци, не попуштајте“, наведе Ди Мајо, лидер на „Движењето пет ѕвездички“ на блогот на неговата партија.
„Ги поддржувам чесните граѓани кои протестираат против претседателот кој владее против својот народ“, наведе Салвини, кој е лидер на екстремно десничарската партија Лига, но додаде дека „силно го осудува“ насилството кое изби на последните протести во Франција.
Ди Мајо, кој исто така го осуди насилството на протестите, оцени дека владата на Макрон не е на висина на очекувањата на народот и додаде дека некои политички одлуки во Франција може да влијаат и на Европа. Според него, француската влада, како и многу влади, е присутна само за да го претставува интересот на елитите и привилегираните, а не интересот на народот. Тој додаде дека во Италија тоа сега е сменето, и ги повика француските „Жолти елеци“ да го направат тоа и во својата земја.
„Се раѓа нова Европа, а тоа е Европа на жолтите елеци, движења и директна демократија, тоа е тешка борба која можеме заедно да ја водиме“, рече Ди Мајо, повикувајќи ги „Жолтите елеци“ да не попуштаат.