Костадинов – Мицкоски има цел да ја оддалечи Македонија од ЕУ и НАТО
Пратеникот Костадин Костадинов, кој е и портпарол на СДСМ,денеска го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека работи против Македонија и интеграцијата во ЕУ и НАТО.
„Мицкоски не отстапува од замислите да ја оддалечи Македонија од НАТО и ЕУ. Мицкоски и раководството на ВМРО ДПМНЕ имаат цел да предизвикуваат тензии, омраза, насилство, со кои ќе ја блокираат иднината на Македонија. Мицкоски работи по директива на неговите шефови, кои работат против Македонија“, рече Костадинов на прес-конференцијата во Собранието.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека се „оптимисти“ дека ќе има и над 80 пратеници за уставните измени и оти не чул дека осумтемина исклучени пратеници од ВМРО-ДПМНЕ се заканувале дека нема да гласаат за измените, ако владата ги прифати барањата на Беса.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски претходно изјави дека уставот се менува „не по демократски пат, туку преку акт на насилство врз процедурите, уцени и закани врз пратениците и нивни блиски“. Тој рече дека тоа не се европски вредности и се лажат тие што мислат дека на овој начин „ќе станеме европска Македонија“ и оти „отпорот е она што ни преостанува“, по што им се продружи на протестите против промената на уставот.