Груевски до пратениците - Не е ноќ за спиење, туку за последно размислување
Поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија, на својот фејсбук профил пишува за промената на Уставот и за Преспанскиот договор. Тој им се обраќа на пратениците пред одлуката да гласаат во Собранието за уставните измени и вели да не забораваат дека „ставаат „црн печат“, на една 140 годишна крвава битка за македонското национално прашање“.
„За пратениците на мнозинството, ова не е ноќ за спиење. Оваа ноќ е последна шанса за размислување и премислување со ставањето на националниот пред партискиот и/или личниот интерес. Знам дека не ви е лесно....барем јас знам. Ова се историски одлуки. Да, можен е подобар и пофер договор. Треба само верба, храброст, отфрлање на уцените, воља и време, за постигнување на двете: разумен компромис /фер договор и НАТО и ЕУ“, пишува Груевски на фејсбук.
Тој вели дека сè што се правело во последните години се правело, за како што вели, „да се изгласа штетниот договор со Бугарија, па неуставната двојазичност и конечно главната работа заради која беше осмислена целата операција: промената на името со марионетска влада и пратеници“.