Грчкиот парламент треба да гласа за доверба на Владата во среда?
![Грчкиот парламент треба да гласа за доверба на Владата во среда?](https://gdb.rferl.org/955D0D6C-CA9F-4F2E-83DB-F5A82185B91A_w800_h450.jpg)
Почеток на седницата во вторник напладне и гласање во среда навечер ќе биде предлогот на претседателот на грчкиот Парламент Никос Вуцис на утрешниот состанок со потпретседателите на парламентот, објави грчката новинска агенција АНА-МПА.
На брифинг со новинарите, Вуцис соопштил дека грчкиот премиер Алексис Ципрас му испратил допис во кој го известува дека има намера да побара обновување на довербата од Парламентот.
Расправата за гласање доверба треба да започне два дена по доставеното барање, а да не трае повеќе од три дена, па затоа претседателот на грчкиот парламент предлага почетокот да биде во вторник напладне, а гласањето во среда вечер.
Претходно денеска по повлекувањето на Панос Каменос од коалициската Влада, грчкиот премиер Aлексиц Ципрас изјави дека ќе побара доверба од Парламентот. Тој ова го соопшти по завршувањето на средбата со лидерот на Независни Грци
" Ја донесов одлука, го известив претседателот на Парламентот дека набргу ќе пристапиме кон процесот предвиден од Уставот и правилникот на Парламентот, за обновување на добербата на мојата Влада, за да одиме напред со апсолутно мнозинство, кон овие клучни опции за земјата и грчкото општество и за да може Владата да го заврши во октомври 2019 година мандатот предвиден со Уставот. Секој и секоја, во овие клучни моменти мораме да ја преземеме нашата одговорност кон земјата, кон она што длабоко веруваме дека е национален интерес. Прво јас, членовите на мојата Влада, но секако и секој член на Парламентот", рече Ципрас во изјавата по средбата со Каменос.
Грчкиот премиер додаде дека ја прифатил поднесената оставка на Каменос од позицијата министер за одбрана и објасни дека ќе ја прифати и секоја друга оставка од редовите на Независни Грци.
Нов министер за одбрана на Грција ќе биде началникот на Генералштабот, Евангелос Апостолакис.