МНР: Жалиме што Русија негативно ги толкува процесите кои водат кон стабилна Македонија
![МНР: Жалиме што Русија негативно ги толкува процесите кои водат кон стабилна Македонија](https://gdb.rferl.org/6B23CE98-B2E1-48A7-9852-8F63A7591BF5_w800_h450.jpg)
Министерството за надворешни работи на Република Македонија со жалење констатира дека Департманот за информирање на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација повторно, во негативен контекст, апострофира автентични политички процеси во две соседни земји, кои водат кон решавање на проблеми, зацврстување доверба и градење пријателство, реагира министерството за надворешни работи по повод коментарот на Департманот за информирање на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација, во врска со усвојувањето на измените на Уставот на Република Македонија.
"Договорот од Преспа не само што не задира во интересите на трети страни, туку суштински придонесува кон регионалната стабилност, пријателство и соработка, и како таков претставува пример и модел за решавање на отворени прашања меѓу државите. Министерството за надворешни работи на Република Македонија е уверено дека иднината ќе ја потврди исправноста на овој пристап, кој претпочита политичко визионерство и лидерство, како и дека придобивките за регионалната стабилност и просперитет ќе бидат прифатени и валоризирани од сите страни, вклучително и од пријателската Руска Федерација", се вели во реакцијата од македонското МНР.
Преку соопштение до јавноста од страна на руското МНР, официјална Москва вчера побара прашањето за преименувањето на Република Македонија да се најде на разгледување пред Советот за безбедност на ОН.