ДИК разгледува можности за користење нови технологии на изборите
![ДИК разгледува можности за користење нови технологии на изборите](https://gdb.rferl.org/6ED82A51-1BC5-4291-A545-0D3430385C03_w800_h450.jpg)
Уреди за биометриска верификација за изборите, можноста за електронско гласање и автоматизација на изборниот процес, се дел од технологиите за кои денеска беше дискутирано на тркалезната маса „Примена на нови технологии во изборните процеси“ во организација на Државната изборна комисија, каде учесниците разговараа за можностите за нивна примена во Македонија.
Процесот е сложен и скап, бара голема финансиска и техничка поддршка и не е планирано да се примени на претстојните претседателски избори, беа дел од заклучоците.
Претседателот на ДИК Оливер Дерковски изјави дека смета оти е потребно да се разгледаат можностите за воведување на новите технологии за кои, како што рече, секогаш постои сомнеж при нивното воведување, а сепак е потрбно да се следат трендовите во светски рамки.
„Се повеќе се употребуваат нови технологии во сите циклуси на избори и сметам дека и ние не треба да бидеме надвор од таа сфера и да пристапиме чекор напред, се разбира, претходно добро анализирајќи ги и проверувајќи ги тие работи и обезбедувајќи ја сигурноста на тие системи“, нагласи Деркоски.
Тој напомена оти ДИК во својот кус мандат од речиси шест месеци се соочила со предизвик за брзо организирање и спроведување на референдум и по него одлучиле да направат анализа на се што треба да се направи во следниот период за подобрување на изборноит процес, меѓу кои е и можноста за користење на нови технологии.