Истрага на Обвинителството за инцидентот во Шуто Оризари
Основното јавно обвинителство соопшти дека е отворена истражна постапка против пет лица за кои постои основано сомнение дека на 28 јануари во близина на поликлиниката во Шуто Оризари заедно со други лица сториле „грубо насилство врз тројца оштетени“, со што сториле кривично дело – Насилство од член 386 став 6 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Во соопштението се вели дека, бидејќи осомничените се сомневале дека оштетените лица наводно грабнале дете од Шуто Оризари, тие ги пресретнале и насилно ги извлекле од патничкото моторно возило „хјундаи галопер“ без регистарски таблички.
„Иако тројцата оштетени им кажале дека не знаат за што се работи, а еден се легитимирал со службена легитимација и им кажал дека е вработен во МВР, петтемина осомничени физички ги нападнале, удирајќи ги со тупаници и клоци“, се вели во соопшението на ЈОРМ.
Обвинителството наведува дека еден од оштетените се здобил со тешки телесни повреди и е во животна опасност, додека останатите двајца се стекнале со телесни повреди. Со ваквите дејства, осомничените кај останатите присутни предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв.
Обвинителствто до Основниот суд Скопје 1 Скопје доставило и предлог за определување мерка притвор за петтемина осомничени.