Трамп телефонски разговараше со Гваидо
Претседателот на САД Доналд Трамп и венецуелскиот самопрогласен привремен претседател Хуан Гваидо за време на телефонски разговор се договорија да одржуваат редовни контакти, соопштува Белата куќа.
Трамп ја зајакнал својата „силна поддршка за борбата на Венецуела за враќање на својата демократија“, наведе портпаролката на Белата куќа Сара Сандерс во денешна изјава.
САД го признаа опозицискиот лидер и претседател на националното Собрание Гваидо, за претседател на земјата. Други земји, вклучително Русија, го поддржуваат претседателот Николас Мадуро.
Разговорот на Трамп со Гваидо доаѓа откако Врховниот суд на Венецуела на опозицискиот лидер му нареди забрана за напуштање на земјата и ги замрзна неговите банкарски сметки.
Гуаидо има забрана за напуштање на земјата додека не се заврши прелиминарната истрага, откако тој „предизвика штета на мирот на републиката“, изјави на 29 јануари шефот на судот Мајкл Морено.
35-годишниот Гваидо мината недела се прогласи себеси за привремен претседател. Во интервју за руската државна новинска агенција „РИА Новости, Мадуро потврди дека е подготвен за разговори со опозицијата „за доброто на мирот и неговата иднина“, со учество на меѓународни медијатори.