Димитров во Вашингтон на состанок на земјите од НАТО
Министерот за надворешни работи Никола Димитров на 3 и 4 април ќе учествува на состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО, што ќе се одржи во Вашингтон.
Ова е прв состанок на министерско ниво за надворешни работи на кој што, претставена преку министерот Димитров, нашата држава активно ќе учествува во својство на поканета земја за членство.
Димитров во Вашингтон ќе отпатува на покана на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и американскиот државниот секретар Мајк Помпео, соопшти МНР.
Прославувајќи ја 70 годишнината од формирањето на НАТО Вашингтон ќе биде домаќин на серија настани и свечености, на кои ќе учествува и Димитров. Меѓу нив е конференцијата „NATO Engages: The Allianceat 70”, на која Димитров, заедно со неговиот грчки колега Јоргос Катругалос ќе говори на тема „Наследството и иднината на НАТО политиката на отворени врати“, непосредно пред изјавата на потпретседателот на САД, Мајк Пенс.
Се очекува на конференцијата да присуствуваат повеќе од 200 официјални претставници на државите-членки на НАТО. Јубијелот ќе биде симболично одбележан со прием во Andrew W. Mellon Auditorium, каде што во 1949 година бил потпишан Договорот со кој се ставени темелите на Северноатлантската алијанса. Церемонијата ќе биде заокружена со поздравни обраќања на Помпео и Столтенберг.
За време на работната посета на Вашингтон министерот Димитров ќе оствари средби со Помпео и Филип Рикер, помошник државен секретар. Се очекува посебно внимание да биде посветено на безбедносните предизвици со кои се соочува Алијансата и придонесот на нашата земја кон глобалната благосостојба, се наведува во соопштението на МНР