Министерството за правда му одговори на Мицкоски
Услов за отпочнување на преговорите со ЕУ не е донесување на било каков Закон за Јавно обвинителство, туку квалитетен закон кој ќе овозможи право и правда и казнивост на криминалот во нашата држава, реагира Министерството за правда по изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека министерката за правда Рената Дескоска нема менаџерски капацитети за водење преговори и дека се преговара за да не се договорат.
„За жал, насоките кои ги добива претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицковски од неговиот менаџер од Будимпешта, а кои се претопени во амандмани, се против принципите на владеење на правото и правда во нашата држава. Воедно, би сакале да ја истакнеме нашата согласност во однос на тежината на менаџирањето на процесот на носење на закон кој треба да ги отвори преговорите на ЕУ со нашата држава“, се наведува во реакцијата на Министерството за правда.
Оттука велат дека законот со себе носи силни последици за сторителите на кривични дела, а тоа претставува посебна тежина во менаџирањето на процесот кој треба да овозможи продолжување на кривично гонење и финализирање на судски постапки против сегашни и поранешни високи функционери на политички партии, кои сега треба да го поддржат законот.