Жбогар: СЈО треба да продолжи со работа
Шефот на Делегацијата на Европската Унија Самуел Жбогар, денеска изјави дека се надева дека на состанокот на Советот на ЕУ во јуни, земјите-членки ќе одлучат да отворат преговори со Северна Македонија. Остваривте голем напредок, кога ќе погледнете наназад ќе видите голема разлика, од земја која гледаше непријатели околу себе, сега е пријател со сите нив, изјави шефот на Делегацијата на Европската Унија Самуел Жбогар, кој денеска одржа предавање на Факултетот за безбедност-Скопје, во рамки на Дипломатскиот форум на факултетот.
“Од земја која беше во политички превирања, сега има функционална демократија, функционален Парламент со опозиција која се ангажира за реформските процеси, реформите во праводуството, така што гледаме важен напредок. Секако уште многу нешта можат да бидат
направени до јуни, и со надеж чекаме да ги видиме вашите достигнувања и да видиме што ќе се случи дотогаш”. истакна Жбогар.
Жбогар дополни дека министрите на ЕУ минатиот јуни кога го отворија патот за почеток на преговори, поставија услови и за реформи и конкретни резултати во правосудниот систем.
"Специјалното јавно обвинителство покажа големи достигнувања, и за нас како ЕУ и за сите земји-членки е важно на СЈО да му се дозволи да ја врши својата работа, и да покаже уште поголеми достигнувања за судските предмети“ рече Жбогар прашан дали законот за Специјалното јавно обвинителство е еден од критериумите за отворање преговори во јуни.
Toј рече дека очекува сите политички партии во Парламентот да најдат начин да му дозволат на Специјалното јавно обвинителство да ја продолжи работата.