Николовски: Хидросистемот „Злетовица“ целосно во функција во наредните две години
![Николовски: Хидросистемот „Злетовица“ целосно во функција во наредните две години](https://gdb.rferl.org/AF29D4B2-FECA-4FD4-972B-8D8EF9A2AB4D_cx6_cy5_cw91_w800_h450.jpg)
Хидросистемот „Злетовица“ ќе биде ставен целосно во функција во текот на наредните две години, а Министерството за земјоделство од својот буџет издвоило 212 милиони денари за на овој систем да се поврзат општините Штип, Карбинци и Лозово. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска на прес-конференција во Пробиштип објави дека веќе е распишана тендерска постапка за избор на консултантска куќа, а отварањето на понудите ќе биде на 16 мај.
„Треба да се изработи целокупната техничка документација за сите овие општини и до крајот на годината наш приоритет е првично да биде реализирана инвестициската фаза, што се однесува на Штип. Заради тоа што тука има постоечки објекти и станува збор за рехабилитација на постоечката Филтер станица. Сите активности што ќе произлезат од техничката документација ќе бидат реализирани во 2019 година во Штип и за тоа се обезбедени 3,5 милиони евра“, изјави Николовски.