Штрајкот со глад заменет со дежурство во српскиот Парламент
![Штрајкот со глад заменет со дежурство во српскиот Парламент](https://gdb.rferl.org/1D48784C-D669-4DA7-ADC1-AF3E25555297_w800_h450.jpg)
Шефот на парламентарната група на СНС, Александар Мартиновиќ изјави дека пратениците од владејачкото мнозинство нема да штрајкуваат со глад само ако опозицијата се откаже од истата идеја. Ако лидерот на опозицискиот Совет за Србија, Драган Ѓилас стапи во штрајк за да ја уценува државата, во истиот момент тоа ќе го сторат и пратениците од Српската напредна странка, изјави Мартиновиќ. Оваа одлука тој изјави дека ја соопштува по консултација со претседателот Александар Вучиќ.
Запрашан од новинарите дали неговата и одлуката на другите пратеници на СНС засега да не штрајкуваат со глад се однесува и на Александар Вулин и Горан Весиќ, Мартиновиќ одговори дека претседателот Александар Вучиќ утрово лично му кажал „оти засега не се стапува во штрајк со глад и доколку некој друг тргне во штрајк со намера да ја уценува државата, веднаш да почнеме да штрајкуваме“, нагласи Мартиновиќ во српскиот Парламент.
Во пресрет на утрешните најавени протести на српската опозиција пред Собранието, власта најави дека низа мерки за, како што вели, одбрана на Парламентот од „нацисти и повампирени фашисти.
Првиот спикер Маја Гојковиќ на прес конференција ги повика граѓаните да го чуваат Собранието и најави дека владејачката партија заедно со партиите од коалицијата ќе останат во Парламентот се додека тоа е потребно за да го бранат законодавниот дом од упади, од како што наведоа, „примитивизмот, насилството и повампирениот фашизам“.
Белградските медиуми претходно објавија дека утрово е одржан состанок меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и министерот за одбрана Александар Вулин, по објавувањето на првиот човек на Министерството за одбрана дека ќе штрајкува со глад „поради насилството што го вршат лидерите и поддржувачите на Сојузот за Србија“.