Албанската опозиција денеска на масовен протест пред Владата
Обединетата албанска опозиција за денеска го најави одржувањето на „најголемиот национален протест“ пред Владата во Тирана со истите барања за заминување на премиерот Еди Рама и формирање преодна влада, која ќе спроведе предвремени парламентарни избори.
Од февруари, кога почнаа протестите, досега се одржани осум протести, од нив шест пред Парламентот, а два пред Владата.
Лидерот на Демократската партија, Љуљзим Баша, од градот Фиер рече дека „криминалната банда на Еди Рама мора да си замине“.
Последен апел пред денешниот протест, за што помасовно учество, тој упати преку социјалните мрежи.
Албанската полиција е во целосна готовност. Ќе бидат ангажирани повеќе од 1.300 припадници на полициските единици. Пред Владата се поставени безбедносни камери, соодветни заштитни огради, како и заштитни решетки на прозорците и вратите.
Синоќа преку социјалните мрежи, шефот на државата Илир Мета на власта и опозицијата им порача дека е „неопходно да се создаде нова клима во која ќе се сослушаат еден со друг, а посебно да се дозволи критичко размислување, така што општеството ќе може постојано
да се рефлектира и реформира“.
Американската амбасада од своите државјани побара да го избегнуваат делот на Тирана каде што ќе се одржува протестот, но и оној кај Парламентот.