Руските пратеници аминуваа закон за контрола врз интернетот
![Руските пратеници аминуваа закон за контрола врз интернетот](https://gdb.rferl.org/EC65C1E1-6854-470C-9F01-7A3E149CF58F_cx0_cy7_cw0_w800_h450.jpg)
Долниот дом на рускиот Парламент го усвои контроверзниот закон за кој голем дел од критичарите предупредуваат дека е дел од напорите на претседателот Владимир Путин да ја прошири владината контрола врз интернетот.
Со предлог-законот се предвидува инсталирање опрема за контрола на интернет сообраќајот преку сервери во Русија. Тоа ги зголемува овластувањата на државните агенции и им отежнува на корисниците да ги заобиколат владините ограничувања.
Со 307 гласа „за“ пратениците го одобрија предлог законот со кој критичарите стравуваат дека настапува ера на широко распространета цензура. Следува втората фаза, односно во Горниот дом ќе се разгледува предлогот кој потоа ќе се испрати на потпис кај Путин.
Предложениот потег предизвика протести на неколку илјади луѓе во Москва во минатиот месец. Противниците сметаат дека ова ќе и овозможи на државата да го контролира протокот на информации и да ги блокира апликациите за пораки кои одбиваат да разменуваат податоци.