УЈП: Даночните пријави да се потврдат или корегираат до 31 мај
Управата за јавни приходи ги информира граѓаните дека во тек е активноста за генерирање и доставување на претпополнета годишна даночна пријава за утврдување персонален данок на доход за 2018 година.
Даночните обврзници – физички лица, кои се регистрирани на системот „Е-персонален данок“ преку своите кориснички профили може да извршат увид во годишните даночни пријави за 2018 година. Крајниот рок за доставување на претпополнета годишна даночна пријава за утврдување персонален данок на доход за 2018 година од страна на Управата за јавни приходи до граѓаните е 30.4.2019 година.
Граѓаните имаат можност најдоцна до 31 мај да ја потврдат или коригираат претпополнетата годишна даночна пријава.
По истекот на законскиот рок на 1 јуни, годишните даночни пријави ќе добијат статус на конечни даночни пријави во согласност со последниот статус на годишната даночна пријава – потврдена или коригирана.
Годишната даночна пријава што граѓанинот ја коригирал, а добила статус на конечна даночна пријава, ќе треба да биде одобрена од службено лице на Управата за јавни приходи. Доколку службеното лице не ја одобри пријавата, ќе следува донесување решение за утврдување на персоналниот данок на доход за 2018 година.