Косово- Српската листа не доби дозвола за учество на локалните избори
Централната изборна комисија (ЦИК) на Косово не ја завери најголемата партија на косовските Срби, Српската листа (СЛ) и нејзините четворица кандидати за вонредните локални избори во северно Косово на 19 мај, јави дописникот на МИА од Приштина.
На денешната седница на ЦИК беа присутни девет од 11 членови, за заверка на кандидатите на СЛ гласаа седум члена, а за да им се признае правото за учество на избори беа потребни осум гласа. Од гласање апстинираа двајцата членови на Комисијата од редовите на опозициското Движење Самоопределување (ВВ).
Кандидатите на двете албански партии кои ќе учествуваат на овие избори, Демократската партија на Косово (ПДК) и ВВ, беа изгласани од сите присутни членови на ЦИК. Аднан Рустеми од ВВ побара на СЛ да ѝ се даде рок од 24 часа за да ги смени кандидатите или да се дистанцира од нивните изјави со кои ја негираат државноста на Косово, со тоа што на земјата и се обраќаат со „Косово и Метохија“.
Тој рече дека заедно со неговиот партиски колега не гласале „не затоа што имаат нешто против Српската листа, туку затоа што треба да се почитува Уставот на Република Косово“.