Харадинај предлага забрана за влез во Косово на српски претставници
![Харадинај предлага забрана за влез во Косово на српски претставници](https://gdb.rferl.org/8C782D84-439B-4E3C-B926-F39719840A4C_w800_h450.jpg)
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај остро реагира на приведувањето од страна на српската полиција на косовски политичари од српска националност на граничните премини меѓу двете земји. По вчерашното приведување на граничниот премин Бела Земја на членот на Српската либерална партија Срѓан Јовановиќ, Харадинај на денешната седница на Владата предложи контрамерки со забрана на влез во Косово на српските службени претставници. Тој најави дека одлуката за тоа ќе биде донесена во блиска иднина. Јовановиќ, кој е советник на Харадинај за прашања на заедниците, е петтиот член на Српската либерална партија кој во текот на минатите неколку месеци е запрен и приведен на информативен разговор од страна на српската полиција. Оваа партија е политички опонент на најголемата партија на косовските Срби, Српската листа, која е јавно поддржана од официјален Белград.